Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска и претседателот на Клубот на извозници при Комората, проф.д-р Дарко Лазаров ја посетија долгогодишната членка на Комората ЕАМ од Штип и остварија средба со г-дин Александар Патрклиски сопственик на компанијата.
ЕАМ конфекција започнува уште од далечната 1936 година како занаетчиски дуќан на фамилијата Патриклиски, а подоцна во 90-тите години и како компанија која се занимава со производство на трикотажен материјал и готови трикотажни производи: плетење, бојадисување, шиење, дигитално печатење, везење.
Процесот на производство е под постојана контрола и тоа почнувајќи од првиот чекор од производството на предиво, преку плетење, фарбање и шиење и преку останатите производни процеси, се` до комплетирање на готовиот производ. Секој од овие оддели располага со современи машини и алатки, кои заедно со стручноста на менаџерскиот тим придонесуваат во ефикасноста и квалитетот на изработката на соодветните производи.
Оваа компанија неколку години имаше и сопствено производство на памук наменет за производниот процес, а денес количините на памук ги набавува првенствено од Индија. Најголем дел од производите на ЕАМ се извезуваат во повеќе западноевропски земји, пред се Германија, Швајцарија, Холандија и Белгија.
На средбата со сопственикот на комапнијата ЕАМ конфекција г-дин Александар Патрклиски, се разговараше за актуелните предизвици со кои се соочува во работењето оваа компанија, како и за идните планови на компанијата, кои се првенствено насочени кон префрлање на производство во нови погони и обезбедување на електрична енергија од фотоволтаични централи. Од страна на г-дин Патрклиски посочено беше дека во периодот на кризата предизвикана од Ковид-19, приходите на компанијата од извоз растат над 6.000.000 евра во 2020 година, односно за 80,5% во споредба со 2019 година, благодарение на тоа што компанијата лесно се прилагодува на новонастанатите услови.
Од страна на претставниците на Комората беа потенцирани приоритетите на Комората за следниот период и подготвеноста за поддршка на извозно ориентираните компании за нивна промоција на странските пазари.