Share on:   

12/7/2022

НОВИ АЛАТКИ И УСЛУГИ ЗА ЈАКНЕЊЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИЗВОЗНО ОРИЕНТРАНИ КОМПАНИИ

Еден од главните приоритети во делувањето на Стопанската комора на Северна Македонија е да креира активности во насока на подигнување на извозната конкурентност на компаниите, бидејќи само преку зголемување на извозот може да се размислува за економски раст и развој на една економија. Кризите со кои се соочува нашето стопанство, но кои се присутни и во глобални рамки, и во овој период не се пречка за креирање активности кои се во функција на поддршка на извозот и помош на компаниите да излезат на пазарите во регионот но и пошироко. Во таа насока, пред извозните компании од Пелагонискиот регион е преставен проектот за Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција кој го спроведува Комората, во партнерство со УСАИД, во времетраење од 3 години, до крајот на јуни 2025 година.

Оперативниот директор за претставување на членките и вмрежување при Комората Билјана Пеева-Ѓуриќ, информираше дека зајакнувањето на извозните капацитети и конкурентноста на извозно ориентираните компании преку таргетирана поддршка во процесот на регионализација и интернационализација на македонскиот бизнис-сектор, ќе се спроведува со различен сет на активности, преку 2 основни цели.

1. Подобрување на регионалната и на меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на ЗБ и на ЕУ, што ќе се направи преку:

  • Студија за мапирање на регионалниот трговски и инвестициски потенцијал;
  • Ќе се организираат по 2 конференции на годишно ниво и тоа (регионална конференција за промоција на интра-регионална трговија и деловна соработка со земјите од Западен Балкан и регионална конференција за промовирање регионален заеднички пристап во привлекување странски директни инвестиции и конференции за водење бизнис со ЕУ);
  • Организирање Б2Б средби, купувачки мисии
  • И ќе се креираат алатки за унапредување на јавно приватниот дијалог и создавање на подобра деловна средина за извозно ориентираните компании преку работата на Национален совет за извоз, кој ќе биде вклучен во процесот на креирање на политиките за зголемување на извозните можности на домашните компании.

2. Зголемување на конкурентноста на извозните компании и интеграција во регионални и глобални синџири на вредност, и тоа преку:

  • Изработка на анализа за извозните потенцијали, за да следи соодветно;
  • Поддршка на македонските компании во процесот на градење на нивните извозни капацитети преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите; дигитална трансформација; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија; техничка помош за пристап до финансии итн.;
  • Планирана изработка на:„Платформа за дигитален извоз“ - Easy Export иРазвој на Институт за извоз, кој ќе се состои од Центар за обука кој ќе се фокусира на развивање на капацитетите на човечките ресурси преку одржување на обуки и работилници за извозно ориентирани компании и Истражувачки и аналитички центар кој ќе се фокусира на обезбедување услуги преку компаративни анализи за поддршка на извозните компании.

Проф. д-р Дарко Лазаров, од Меѓународниот институт за бизис анализа пред компаниите од пелагонискиот регион присутни во Битола ги презентираше прелиминраните резултати од Анализата за мапирање на извозните потенцијали на македонската економија. Информираше и дека за истата се користи современа научно-истражувачка и стручно-апликативна методологија. При тоа посочи дека основната цел на анализата е идентификување на можностите за раст на извозот на постоечките извозни производи што извозно ориентираните компании ги извезуваат на веќе постоечките пазари, како и идентификување на можностите за проширување на извозната активност преку пенетрација на нови извозни пазари.

Дополнително, втората цел на анализата е идентификување на можности за извозна диверфизикација преку мапирање на нови производи кои земјата не ги извезува, но за кои има потенцијални компаративни предности и реални економски претпоставки да отпочне да ги произведува и извезува на регионалните и глобалните пазари.

Предмет на анализата се над 5.300 постоечки и нови потенцијални извозни производи и над 170 постоечки и нови потенцијални извозни пазари. Резултатите од анализата ќе бидат основа за селектирање на секторите, производите и пазарите, како и извозно оринетираните компании кои ќе бидат поддржани во рамките на проектот преку различните активности како што се вмрежување, извозна промоција, обезбедување на стручни услуги со цел подобрување на извозната конкуретноста на домашните извозно ориентирани компании.

Истовремено, резултатите се корисна основа за сегашните и идните креатори на економски политики во земјата во процесот на креирање мерките за поддршка на секторите кои имаат најголем извозен потенцијал и промоција на оние извозни пазари кои се најатрактивни за македонските извозни компании и на кои македонските извозни производи може да се пласираат во иднина, истакна проф. Лазаров.

Анализата може да помогне во насочување на напорите на МНР и Министерството за економија во воспоставување на нови билатерални трговски релации и продлабочување на постоечките билатерални трговски и дипломатски односи со оние земји кои во анализите покажале значаен извозен потенцијал за македонската економија.

Она што е клучно вели Лазаров е дека резултатите од анализата ќе им помогнат на македонските извозни компании во нивните напори за зголемување на извозната активност во иднина преку обезбедување на корисни информации за неискористени можности за извоз кои постојат на оние пазари на кои тие веќе се присутни, но и информации за извозни можности за отпочнување на извоз на нови извозни пазари каде постојат одредени поволности во делот на зголемена увозна побарувачка, компаративни предности во делот на царински стапки, нецарински бариеири или поблиска географска одалеченост споредено со другите извозни земји.

За Стопанската комора, влегувањето во партнерство со УСАИД, ваква проектна активност е од исклучително значење, бидејќи нашата практиката покажува дека македонскиот извоз има многу системски проблеми, имаме неповолна извозна структура, односно најголем број од производите што ги извезуваме се со ниска додадена вредност. Како резултат на тоа, имаме состојба во која бројот на извозни компании, бројот на извозни пазари и бројот на производи кои се предмет на надворешна трговија е премногу ограничен, а просторот за подобрување на ваквите перформанси е огромен и веруваме дека со најголем дел од предвидените проектни активности тоа и ќе го постигнеме.