Во услови кога глобалната економија се соочува со голем број на ризици и низа на неизвесности предизвикани од екстерни фактори кои значајно влијаат врз деловниот амбиент и условите за меѓународно тргување, македонскиот извозен сектор е исправен пред значителни предизвици кои се однесуваат на задржување на постоечките пазарни позиции на регионалните и меѓународните пазари, но истовремено и предизвици за зајакнување на сопствените конкуретнски предности кои и пред кризата беа ограничени.
Стопанската комора на Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба и долгорочни приоритети високо ги позиционира своите активности насочени кон подигнување на извозните капацитети и конкурентноста на македонските компании како основа за забрзување на економскиот раст и развој на земјата.
Во годината кога Стопанската комора го одбележува својот јубилеј од 100 години постоење во партнерство со Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД започнаа да го спроведуваат проектот за Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, во времетрање од 3 години, до крајот на јуни 2025 година.
Со цел подобро запознавање на извозно ориентираните компании со можностите кои ги нуди Проектот, Стопанската комора организираше презентација на Проектот пред извозните компании од Тиквешкиот регион.
Пред стопанствениците од Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, в.д. оперативниот директор за развој, иновации и знаења при Комората, м-р Михајло Донев информираше дека преку двете основни цели на проектот треба да се постигне подобрување на регионалната и меѓународната деловна соработка на македонските компании со пазарите на Западен Балкан и Европската Унија од една страна, како и зголемување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и нивна интеграција во регионални и глобални синџири на вредност.
За сериозноста на предвидените активности во период од 3 години, говори фактот што преку Проектот ќе бидат испорачани Студија за мапирање на регионалниот трговски и инвестициски потенцијал и Анализа за извозните потенцијали кои ќе бидат појдовна основа за реализација и на останатите активности како што се:
- Организирање по 2 конференции на годишно ниво и тоа Регионална конференција за промоција на интра-регионална трговија и деловна соработка со земјите од Западен Балкан и Регионална конференција за промовирање регионален заеднички пристап во привлекување странски директни инвестиции и Конференции за водење бизнис со ЕУ)
- Организирање Б2Б средби, купувачки мисии
- Креирање алатки за унапредување на јавно приватниот дијалог и создавање на подобра деловна средина за извозно ориентираните компании преку работата на Национален совет за извоз, кој ќе биде вклучен во процесот на креирање на политиките за зголемување на извозните можности на домашните компании
- Планирана изработка на: „Платформа за дигитален извоз“ - Easy Export и Развој на Институт за извоз, кој ќе се состои од Центар за обука кој ќе се фокусира на развивање на капацитетите на човечките ресурси преку одржување на обуки и работилници за извозно ориентирани компании и Истражувачки и аналитички центар кој ќе се фокусира на обезбедување услуги преку компаративни анализи за поддршка на извозните компании.

Преку овие активностите, извозно-ориентираните компании, но и оние кои сакаат да започнат извозни активности имаат пристап до нови алатки и услуги кои го олеснуваат процесот на подготовка за извоз и настап на странски пазари. Она што е од особено значење за компаниите е дека во рамки на проектот предвидени се и повици со кои се овозможува директна поддршка на компаниите во процесот на градење на нивните извозни капацитети преку развој на Стратегии/Планови за извоз на пазарите; дигитална трансформација; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и циркуларна економија; техничка помош за пристап до финансии, за кои тие ќе имат техничка поддршка од страна на консултанти кои се експерти во дадената област, изјави м-р Донев.
Во рамки на настанот, професорот Дарко Лазаров ги презентираше преелиминарните резултати од анализата за идентификување на извозните потенцијали и можности на македонската економија што во моментот се изработува во рамки на проектот. Тој укажа дека анализата ќе им помогне на македонските извозни компании во нивните напори за зголемување на извозот на веќе постоечките извозни производи на сегашните извозни пазари, но и во напорите за проширување на извозната активност со освојување на нови извозни пазари. Истовремено, професорот Лазаров посочи дека анализата ќе им обезбеди корисни информации на македонските компаниите за можностите кои им стојат на располагање за отпочнување на производство и извоз на нови производи за кои имаат потенцијални компаративни предности.
Професорот Лазаров како главен експерт во изработка на анализата презентираше неколку конкретни примери за извозни можности на селектирани производи кои ги извезуваат компаниите од Тиквешкиот регион, при тоа, посочувајќи дека најголем извозен потенцијал имаат традиционалните примарни земјоделски производи (трпезното вино, свеж и замрзнат зеленчук и овошје), производи од прехранбената индустрија и пијалоци, производи од металопреработувачката индустрија, но и одредени производи од машинската и електро индустријата. Особено беше потенциран потенцијалот за зголемување на извозот на вино во амбалажа до 2 литри на повеќе пазари како што се Германија, Холандија, САД, Велика Британија, Белгија и други пазари од регионот и ЕУ.
Компаниите од Тиквешкиот регион покажаа особен интерес за повиците кои ќе следат во периодот декември-јануари и со своите предлози развија дискусија за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат при настап на странски пазари, теми кои ќе бидат основа за презентирање во рамки на јавно-приватниот дијалог кој ќе се развива преку Националниот совет за извоз, кој Стопанската комора на Северна Македонија ќе го основа во престојниот период.