Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија проф. д-р Дарко Лазаров во гостувањето на „Блумберг Адрија ТВ“, посочи дека е потребен системски пристап од страна на државата за поддршка на извозниот сектор со посебен фокус на домашните извозно ориентирани компании.
Тој истакна дека акцентот треба да биде ставен на мерки за зголемување на конкурентноста и извозната подготвеност на домашните компании за настап на меѓународните пазари. Извозната промоција на македонските компании и производи преку организирани настапи на меѓународни саеми, програми за бреднирање и креирање на иновативни маркетинг алатки со цел поголема препознатливност и видливост на нашите компании и производи на глобалните пазари се неопходни.
Преку Клубот на извозници како специјализирано тело во рамки на Стопанската комора се обезбедува институционална поддршка на домашните извозници и канализирање на нивните барања и препораки до надлежните институции, со цел олеснување на нивните извозни активности и поголема промоција на регионалните и странските пазари. Клубот на извозници обезбедува стручна, аналитичка и професионална поддршка за стекнување на поголема конкурентност и олеснување на пристапот на домашните извозници на нови пазари.
Во гостувањето проф. д-р Лазаров посочи дека постојат многу предизвици со кои ќе се соочува извозниот сектор во 2023 година и покрај поповолните прогнози за растот на германската економија како наш најголем трговски партнер. Поради тоа неопходно е државата да биде многу повеќе насочена кон поддршка на извозните компании, особено кон домашните извозници.