Претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија, Глигор Цветанов, како дел од делегацијата на Коморскиот инвестициски форум, учествува на повеќедневна посета на Јапонија (од 5-12.12.2018 година), во насока на развивање на деловните односи помеѓу Јапонија и земјите од Западен Балкан.

Во рамките на посетата, Глигор Цветанов зема учество на првиот Бизнис семинар за земјите од Западен Балкан, кој се одржа на 7.12.2018 година во Токио, Јапонија. Настанот, на којшто присуствуваа повеќе од 140 јапонски стопанственици, е организиран од страна на Министерството за надворешни работи на Јапонија, Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО) и Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан.
На Бизнис семинарот, претставниците на Коморскиот инвестициски форум (кои ги претставуваат коморите од шесте држави на Западен Балкан - Стопанската комора на Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово) пред присутните стопанственици ги презентираа инвестициските можности, но и можностите за унапредување на економската соработка со земјите од Западен Балкан.
При тоа, беше посочено дека јапонските стопанственици на регионот на Западен Балкан гледаат како на единствена целина, со важна геостратешка локација, што ги поврзува Европа, Африка и Азија. Следејќи ја иницијативата на јапонскиот премиер Шинзо Абе за унапредување на економската соработка на Јапонија со земјите од Западен Балкан, се очекува зголемување на интересот за инвестициски активности од страна на јапонски компании. При тоа, беше посочено дека за јапонските стопанственици, реформските процеси кои државите од Западен Балкан ги спроведуваат како дел од нивните активности за пристапување кон Европската унија, претставуваат гаранција за стабилноста и предвидливоста на деловното опкружување во овие земји, кои се клучни параметри за компаниите кои ќе се одлучат да инвестираат во регионот.

http://exporters.mchamber.mk
Пред јапонските стопанственици Цветанов го презентираше работењето на Стопанската комора на Македонија, како најголема и најзначајна бизнис-асоцијација во земјата, потенцијалите за унапредување на трговската размена помеѓу двете земји, но и можностите за инвестирање во земјата.
Делегацијата на Коморскиот инвестициски форум во текот на следната недела ќе оствари работни средби во Министерството за надворешни работи на Јапонија, во Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), Институтот за бизнис-менаџмент и технологија, а ќе реализира посети на повеќе јапонски компании, вклучувајќи ги „Гликопиа“ и „Панасоник“.
Одделение за информирање