2019 година започнува со надеж дека државата има капацитет да тргне напред и набрзо да бидеме интегрирани во европското семејство, каде што ни е местото.
За производителите во прехранбениот сектор предизвик и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството во услови на зголемување на трошоците на работењето врз основа на зголемени цени на суровините, енергијата, придонесите и порастот на платите. Но, сметам дека најголем предизвик ќе биде задржувањето на вработените, со оглед на енормното иселување што се случува во Македонија.
За очекување е оваа година малопродажните системи да разберат дека и` се потребни на домашната индустрија и да ја третираат како партнер. Домашните компании ќе имаат повеќе можности за развој, за повеќе вработувања, за поголеми плати и за овозможување подобар живот на своите вработени. Тие се всушност потрошувачите што остануваат во Македонија и ги трошат своите заработени пари во малопродажбата, овде, во Македонија. Производствените компании можат да имаат поголема флексибилност и разбирање за потребите на трговците, па со заеднички сили и проекти да работат на развој на пазарот.
Наша цел и понатаму ќе биде да инвестираме и да работиме на подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата за да останеме конкурентни. Во првата половина од 2019 година лансираме и нови уникатни и иновативни производи, а се насочуваме и кон развој на домашниот пазар и силна извозна активност на странските пазари, бидејќи за пазар како Македонија извозот дефинитивно е најглавниот генератор на економскиот пораст.
Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници,
извршен директор на „Макпрогрес“ - Виница