Share on:   

10/16/2019

РЕВИДИРАЊЕ НА ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ

Анета Димовска
Анета Димовска, самостоен советник
во Стопанската комора на Македонија
Едно од клучните барања на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија е барањето за ревидирање на царинската политика, од аспект на ревидирање на нивото на царинска заштита на домашната економија. Ова барање беше уште еднаш изнесено, овој пат пред министерката за финансии, на средбата која таа ја оствари со бизнисмените во Стопанската комора на Македонија на почетокот на овој месец.

Зошто е значајно сериозно да му се пристапи на барањето за ревидирање на царинските стапки?!

Производството на нашите компании кои се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини и репроматеријали кои не се произведуваат во нашата држава, а истите често се увезуваат од некои азиски држави или други земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина. Согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската заедница и нејзините земји-членки, во нашата држава голем број производи се увезуваат слободно од Европската унија (по царинска стапка 0%). Во нашиот случај, увозот од останатите земји од светот (освен од земјите на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина) се врши согласно основното правило на Светската трговска организација на еднаков третман на сите останати земји преку примена на принципот за најповластена нација, што значи дека во отсуство на специфичен трговски договор (договор за слободна трговија или царинска унија) се предмет на исти царини, исти царински проверки и исти бариери во трговијата, која во наши услови за одредени репроматеријали е висока.

Значи, кога увозот на репроматеријалите во Македонија се прави од земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, нивото на царинска заштита на нашата економија за најголем број производи е повисоко од нивото на заштита во Европската унија. Повисокото ниво на царинска заштита во нашата држава негативно влијае на конкурентноста на нашите домашни компании кои треба да се „натпреваруваат“ на ист пазар со компании од другите држави. Последното е особено значајно ако се земе предвид дека најголемиот дел од извозот од Македонија е наменет токму за европскиот пазар.

Царините имаат за цел покачување на цената на стоките кои се увезуваат за да станат поскапи во однос на домашните стоки и со тоа да ја изгубат конкурентската предност на пазарот на економијата во која се внесуваат. Така, оправдана е висока царинска заштита при увоз само на производи кои ги произведуваме (еве нека бидат тоа земјоделски производи и финални производи кои се произведуваат кај нас), но не може да е оправдана кога увезуваме репроматеријали кои ги нема на домашниот пазар.

Креаторите на политиката треба да знаат дека ефективна царинска заштита се постигнува со многу ниски царински стапки при увозот на интермедијарни стоки за да произведуваме дома со цел да извезуваме.

Промената во царинската политика во насока на утврдување на соодветно ниво на царинска заштита на нашата домашна економија може да придонесе за наша подобра позиционираност на светската економска мапа. Затоа, заштитната и развојната функција на царините во наши услови мора да се пред фискалната функција и на царините не смее да се гледа единствено како на извор на приход во државниот буџет, туку како на „алатка“ која креаторите на политиката можат да ја употребат за зголемување на конкурентноста на домашната економија.

Во моментов од фискален аспект царините немаат преголемо значење во споредба со останатите даноци и акцизите, бидејќи приходите од царини во 2018 година изнесуваат само 5% од вкупните даночни приходи ( од вкупни 114.456 милиони денари даночни приходи само 5.604 милиони денари се реализирани од увозни давачки). Оваа тенденција е задржана и во првите седум месеци од 2019 година во кои се остварени приходи од царина во износ од 3.401 милион денари, што претставува зголемување од 4,6% во однос на истиот период лани, но учеството на приходите од царини во вкупните даночни приходи кои за наведениот период се реализирани во износ од 64.805 милиони денари се задржува на ниво од околу 5% (5,2%). При тоа, пристапот и аргументите дека „на фирмите доволно им се даде“ (од причина што даночната стапка од 10% по која се оданочува добивката кај нас е пониска од стапките во повеќето други држави) се неиздржани, бидејќи со данок на добивка се оданочува добивката (ако ја имаш и ја оствариш), а царините директно влијаат на цената на производот и на потенцијалот да се освојуваат нови пазари.

Така, на барањето за ревидирање на царинските стапки треба сериозно да му се пристапи, затоа што аргументот за „загуба на приходи“ може да е оправдан само на кус рок, а ние мора да размислуваме како промените долгорочно би се одразиле на вредностите на увозот и на извозот, на рамнотежата на трговскиот биланс и системски да ги поддржиме индустриите кои може да имаат компаративна предност и кои се важни за националната економија.