Институтот за истражување и развој на прехрамбена кондиторска технологија има задача да го поттикне и унапреди создавањето на специјализирани кадри кои понатаму со својата експертиза ќе можат да се вклучат и да ги поттикнат иновативните процеси во прехрамбените компании во државата
Во Фабриката на Макпрогрес во Виница, потпретседателот на Стопанската комора на Македонија д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска и Јадранка Аризанковска одговорна за прокети во Комората, остварија работна посета со директорите и сопственици на компнаијата Глигор и Александар Цветанови.
На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува оваа компанија од секторот прехрамбена индустрија, при што од раководството на компанијата беше посочено дека еден од најголемите предизвизи и за нив е недостатокот на стручен кадар. Со цел соочување со тој предизвик Макпрогрес многу инвестира и развива нови проекти на тој план. Во контекст на ова за време на прославување на 30 години од нивното постоење, догодина се планира отварање на Институт за развој на прехрамбените технологии со цел да го поттикне и унапреди создавањето на специјализирани кадри кои понатаму со својата експертиза ќе можат да се вклучат и да ги поттикнат иновативните процеси во прехрамбените компании во државата.
Преку овој Институт за истражување и развој на прехрамбена кондиторска технологија Макпрогрес ќе соработува со академии, институции, старт ап компании, ќе организира посети, како и специјализирани обуки и курсеви за продажба, менаџмент, маркетинг, мехатроника. Институтот ќе биде лоциран во кругот на управата на Макпрогрес и воедно ќе биде инкубатор на стручњаци во технолошко прехрамбената наука. Содржини и дејности на институтот се: Истражување и развој на прехрамбените технологии во пекарската и кондиторската индустрија, технолошко следење и аналитика, развој на нови производи, анализа на постоечки и нови сировини, тест проби со процесна опрема, сензорична и органолептичка анализа, едукација, обуки, тренинзи, семинари, размена на научни знаења и истражувања и соработка со други центри, факултети и институции.
Исто така, Макпрогрес по трет пат одржа отворен ден за професионално насочување на идните матуранти од СОУ Ванчо Прќе Виница кој настан има за цел да ги насочи професионално матурантите во високото образование на струки кои се подобро платени и да им ги презентира можностите за платена практична работа, времено и трајно вработување, како и стипендиите преку фондацијата “Свет крст“ во која Макпрогрес е меѓу најголемите донатори. Матурантите проследуваат кратки презентации од претставници од Макпрогрес, вработени на различни позиции кои ги споделуваат со нив своите професионални искуства.
МАКПРОГРЕС“ ДОО - Виница е приватна компанија со комплетно домашен капитал. Со работа започнува во 1990 година и тоа со трговија на големо со прехранбени производи и стоки за широка потрошувачка. Во 1995 го проширува делокругот на работа со увоз и дистрибуција на странски проиводи на територијата на Република Македонија а од 1996 започнува со сопствено производство и пакување на земјоделски производи и го лансира на домашниот пазар брендот СОНЧЕВА ДОЛИНА и шири асортиман на производи а само неколку години подоцна, во 2002 година, инвестира во кондиторска опрема и исфрла на пазарот производи под брендот ВИНЧИНИ.
Денес, годишно произведува над 15.000 тони готови кондиторски производи, со асортиман од преку 300 разновидни прехранбени производи, од коишто 80% се извезуваат во над 55 земји.
По скоро 30 години од основањето, „Макпрогрес“ е сопственик на производни погони на повеќе локации и дванаесет линии за производство на кондиторски производи и погони за земјоделски зрнести производи и здрава храна, со 750 вработени. Кон личната карта на „Макпрогрес“ од Виница, се додава и сопственоста на трговските марки, односно шесте главни бренда:
- „Vincinni“ - за познатите слатки кондиторски производи;
- „Сончева долина“ - за зрнести и прашкасти производи;
- „Армониа“ - линија на солени грисини и грицки;
- „Натура“ - житарки за појадок и производи во делот на здрава исхрана;
- „Дониа“ - линија на традиционални деликатеси алва, локум како и домашни колачи;
- „Fantasia“ – линија на миксови за колачи и додатоци за слаткарство.
Во своето скоро тродецениско успешно работење, согласно визијата за развој, компанијата континуирано инвестира во имплементацијата на системите на квалитет во производните процеси ИФС високо ниво, Хаццп, Халал и Кошер.
Сите суровини и финални производи редовно се контролираат во сопствените како и во овластени лаборатории за контрола на квалитет.
Дел од дејностите со кои се занимава се и малопродажба, угостителство и производство на амбалажа.
Макпрогрес продолжува силно да се развива на извозните пазари. После успешното претставување на Ануга, најголемиот саем за храна во светот, Макпрогрес се проширува и на пазарите во Африка и во далечниот исток.
Макпрогрес дополнително ја продолжува практиката за инвестирање во главната дејност па моментално инвестира во изградба на две нови производни хали во Дониа од Прилеп со цел осовременување на производството, инвестиции во опрема за пакување и автоматизација со цел зголемување на капацитет и конкурентност како и инвестиции во производство на дополнитена зелена – обновлива електрична енергија преку дополнителна 400КВ фотоволтаична централа.
Макпрогрес е активна членка на Стопанската комора на Македонија и вклучена во органите и телата на Комората. За 2018-та година од податоците за извозните топ 100 компании таа е на 28-мото место со извоз во вредност од 19.968.349,00 евра.
Како претседател на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија, директорот на Макпрогрес, Глигор Цветанов планира серија на активности кои имаат за цел да ги подржат и поттикнат извозно ориентираните компании во нивните извозни активности отпочнувајки со издавање на електронски весник “ Export news from North Macedonia”, кој се планира да биде редовно доставуван до сите партнери на Стопанската комора во Европа и пошироко, како и до сите наши амбасади и конзуларни претставништва. Дополнително Клубот ќе пристапи кон организирање на купувачки мисии во соработка со коморите од Европа – партнери на Стопанската комора на Македонија.
Д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
Јадранка Аризанковска