Share on:   

1/23/2020

КЛУБ НА ИЗВОЗНИЦИ, СОВЕТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ, АРБИТРАЖА – КОИ СЕ ТИЕ?

Како надоврзување на мојата порака од минатата недела, следи кратко претставување на Советот на странски инвеститори, Клубот на извозници и Постојаниот избран суд – Арбитража, како институционални форми при Комората, кои во наредниот период ќе бидат движечка сила во трите назначајни активности кон кои ќе се насочи Стопанската комора на Македонија во наредниот период, а тоа се: поттикнување на извозните потенцијали на македонската економија, следење на современите техничко-технолошки трендови и практики кои ни ги носат странските инвеститори во земјава и брзо и ефикасно решавање на деловните спорови, заради натамошен непречен развој, ликвидност, конкурентност, и поголема продуктивност и ефикасност во работењето.


 

 

На 05 декември 2017 година се формираше Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија. Претседател на Клубот на извозници е м-р Глигор Цветанов, сопственик и извршен директор на Макпрогрес ДОО Виница. Основните приоритети на Клубот се состојат во поттикнување на надворешно-трговската дејност на своите членови, развивање на трговските контакти и зголемување на нивните извозни можности. Целите и задачите на Клубот на извозници се насочени кон создавање реални услови за освојување нови пазари, како и надминување на различните околности кои се поврзани со пристапот до нови пазари, а сè уште претставуваат значајна пречка за домашните деловни субјекти, вклучувајќи ги и нецаринските бариери, различните прописи, неусогласените законодавни системи, недоволното знаење за критериумите на извозните пазари, продажни канали, логистика и услови за испорачување, недостаток од маркетиншки и продажни вештини и сл..


Советот на странски инвеститори е основан на 27 февруари 2006 година. Мисијата на Советот на странските инвеститори е активно промовирање и развој на предвидлива, конкурентна и одржлива деловна средина преку отворен дијалог со властите и другите релевантни чинители. Промовирањето на деловната етика и високите начела за корпоративно управување се, исто така, на врвот на агендата на Советот на странски инвеститори. Во моментот во Советот на странски инвеститори членуваат повеќе од 130 компании со странски капитал во земјата. Претседател на Советот на странски инвеститори е Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија АД – Скопје. Дел од позначајните документи од работата на Советот на странски инвеститори се:

„Белата книга“ , која нуди приоритети во економската политика од аспект на странските инвеститори, но, дополнително на тоа, дава и предлози за олеснувањето на водењето бизнис во конкретни деловни области, со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странски капитал во земјава.

Позициски документ за реалната состојба - Овој документ се предвидува како корисна алатка за да ги потсети властите за препораките од најновото издание на „Белата книга“ и го оценува нивото на нивно спроведување.

Светски пикник - Овој настан овозможуваат пошироката јавност да ги запознае земјите од каде што доаѓаат странските инвеститори во земјава, преку нивните национални кулинарски специјалитети кои се нудат на пикникот, а хуманитарниот карактер на настанот ја потврдува и општествената одговорност на странските инвеститори. Арбитражата е метод на решавање на спорови којшто е алтернатива на државното судење, а се заснова на слободната волја на странките. Арбитражата во нашата држава може да се договори за спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на државните судови.


Арбитражата е метод на решавање на спорови којшто е алтернатива на државното судење, а се заснова на слободната волја на странките. Арбитражата во нашата држава може да се договори за спорови за права со кои странките можат слободно да располагаат и за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на државните судови.

Брзата наплата на побарувањата, флексибилноста и доверливоста на арбитражната постапка, како и извршноста на арбитражната одлука се дел од карактеристиките на арбитражата, со кои таа се наметна како метод за побрза, поефикасна и поекономична правна заштита во деловното опкружување во однос на редовните судови. Актуелен претседател на Арбитражата е д-р Горан Рафајловски.