Имајќи ја предвид улогата на бизнис-заедницата како двигател на домашната економија, членките на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија остварија работна средба со директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија, Арбен Виља и со неговиот тим, со цел дефинирање на приоритетните активности за креирање политики за зголемување на извозот според потребите на компаниите, согласно настанатата ситуација поради здравствено-економската криза.
Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија е во фаза на подготовка на Предлог-план за буџет за промоција и поддршка на извозот за 2021 година, кој по одобрување од страна на Министерството за финансии ќе биде инкорпориран во Годишната програма за работа и финансиски план на Агенцијата, согласно предлозите и потребите на бизнис-секторот за реализација во претстојната календарска година.
Мерките за финансиска поддршка на извозно ориентираните компании се дефинирани согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а се наменети за поддршка и за зголемување на конкурентноста на домашните компании, како и за освојување на нови пазари и пораст на продажбата.
„Поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани, со што се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании“, - истакна претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов. Тој додаде дека во наредниот период компаниите своите активности ќе ги насочуваат кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста користејќи „онлајн“-алатки за промоција и продажба на производите.
Присутните претставници на компаниите порачаа дека во наредниот период потребно е да се фокусираат активностите кон потпомагање на компаниите во делот на дигитализацијата и имплементацијата на напредни технологии, настап на виртуелни саеми, изработка на „онлајн“-презентации и маркетинг стратегии за промоција на македонските компании и брендови на странските пазари, изработка на стратегија за настап на „онлајн“-пазари преку „онлајн“-продажба и обезбедување поголема поддршка за зголемување на конкурентноста на домашните компании.
„Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од дискусиите што ги слушнавме на денешниот состанок ќе произлезат конкретни барања и предлози кои ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот процес и на тој начин да им помогнеме на домашните компании“, - нагласи Арбен Виља, во неговото обраќање до извозниците.